Селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, упати дополнителен повик за натпреварите против Фарски Острови в сабота и Ерменија во вторник. Откако откажаа две офанзивни решенија, Милан Ристовски и Александар Трајковски, кои се повредија, Милевски реши да повика нов напаѓач.
Прекомандуван во А-тимот беше капитенот на репрезентацијата до 21 година, напаѓачот Марио Илиевски. Овој 22-годишен фудбалер е стандарден во младинскиот состав, ја носи капитенската лента во циклусот квалификации и е во солидна форма на стартот на сезоната.
Илиевски летово се пресели од Кишварда во ЦСКА 1948 Софија и таму е стандарден во шпицот на нападот. Македонецот веќе има и два постигнати голови, еден во првенството и еден во квалификациите за Конференциската лига кој му беше првенец во Европа.
Марио Илиевски кој е во Холандија со младинската репрезентација ќе допатува во Торшавн и ќе се стави на располагање на селекторот Милевски за претстојните два натпревари. Ова е деби повик за младиот напаѓач во сениорскиот состав на Македонија.