Стадионот „АРМ“ крај националната арена „Тодор Проески“ во недела ќе биде домаќин на интересен настан.
Се работи за Денот на италијанскиот спорт, кој ќе биде во организација на Италијанската амбасада во Македонија. На настанот ќе присуствува амбасадорот на Италија, а исто така и министерот за спорт Борко Ристовски кои ќе имаат и свое обраќање.
Италијанците „потегнаа“ иницијатива, па повикаа италијански здруженија да учествуваат со свои штандови. Дел од нив се и навивачите групи, поточно фан клубовите. Фан клубот Милан Македонија ќе биде еден од гостите на овој настан во Скопје, ќе учествува со свој штанд на кој ќе има промо материјали.
Освен свечената церемонија, ќе следи и турнир во мал фудбал меѓу фан клубовите. Ќе се одигра и натпревар меѓу младинските школи на Брера и Работнички. Присутни на настанот ќе бидат и фан клубови на останатите најпознаит италијански клубови како Јувентус, Интер, Рома, Лацио…