Кариерата на Артур Мело имаше неочекуван пат, бидејќи по доаѓањето во Барселона и првично одличните партии, следеше огромен пад.
Тој пристигна во Каталонија во 2018 година за 31 милион евра од Гремио. Тогаш беше стандарден репрезентативец на Бразил и се наметна во новиот клуб, ама бргу следеше и падот. Заврши во богата трампа во Јувентус. „Старата дама“ за него плати 80 милиони евра, но во спротивен правец замина Миралем Пјаниќ за 70.
По доаѓањето играше и за Јувентус, меѓутоа и таму не беше на посакуваното ниво. Требаше да биде лидер на тимот и откако не се снајде замина на платена позајмица во Ливерпул. И таму беше лош, па „црвените“ прежалија пет милиони евра и решија да не го откупат. Следеше платена позајмица и во Фиорентина, а исходот – ист.
Ова лето Артур се врати во Јувентус, меѓутоа не е дел од првиот тим. Тиаго Мота не смета на него и Бразилецот е без ниту еден настап. Останува да видиме дали клубот од Торино ќе се снајде во јануари да се ослободи од Артур.