Жоао Феликс е пред пресвртница во својата кариера, бидејќи се наоѓа во незавидна позиција.
Португалецот по настапот на Европското првенство и заслужениот одмор се врати во Мадрид, меѓутоа повеќе од јасно е дека тој нема да се задржи во Атлетико. Феликс ќе почне со подготовките, меѓутоа ќе тренира индивидуално и нема да биде дел од колективот, а идејата на клубот е јасна – продажба.
Минатата сезона Жоао Феликс беше позајмен во Барселона, меѓутоа поради финансиските проблеми каталонскиот клуб не сакаше да ја искористи опцијата за откуп. Во меѓувреме додека играше за Барса, Португалецот беше означен како предавник, а ситуацијата се влоши кога тој бурно прослави гол против клубот чиј член е.
Феликс и неговите агенти сега мора да реагираат брзо и да пронајдат добра средина. Сериозно заинтересирана е Астон Вила, меѓутоа непознато е дали се подготвени да платат за трансферот. Атлетико се надева дека ќе врати барем половина од вложените пари (Феликс своевремено пристигна од Бенфика за 127 милиони евра).