Aнглија вчера со резултат 2:1 со пресврт славеше против Холандија и така „Гордиот Албион“ обезбеди финале на Европското првенство.
Бурни реакции во јавноста предизвика моментот во 15. минута кога Англија доби пенал. Капитенот на Англија шутираше со волеј удар, а дефанзивецот на Холандија се обиде да го изблокира. Сепак, Дамфрис не запре на време и го удри англискиот напаѓач.
Голем дел од јавноста смета дека пенал не требало да има затоа што ударот дошол по шутот и не влијаел на тоа каде ќе заврши.
Дамфрис признава дека контактот постоел.
„Ја преземам одговорноста за направениот пенал. Не сакав намерно да го удрам, сакав само да блокирам“, изјави Дамфрис.
Кејн ја реализираше најстрогата казна и во тој момент израмни на 1:1. Оли Воткинс во самата завршница по асистенција од Палмер донесе победа за Англија.