Фудбалерите на Силекс ќе бидат домаќин на Шкупи во четвртата рунда на Првата македонска фудбалска лига.
Кратовчани во минатото коло загубија на гостувањето кај Пелистер, а и сега на домашен терен ги очекува тешка мисија. Пред натпреварот со чаирчани своите очекувања ги изнесе фудбалерот Дарко Додев.
„По четири сезони се враќам во тимот на Силекс. Тоа е еден посебен клуб за мене, затоа што тука поминав многу добри моменти. Сега сум со надеж дека ова е сосема друга екипа, сосема ново лице на Силекс, како еден одличен македонски квалитетен клуб, за кој мислам дека е вистински предизвик за мене оваа сезона.
Впечатоците за почетокот на сезоната можам да кажам дека се поделени. Мислам дека можевме многу повеќе, посебно на гостински терен. Ако сакаме да играме во континуитет и да постигнуваме добри резултати и да имаме респект од другите екипи, мораме да играме добри натпревари во континуитет. Шкупи е еден одличен клуб со одлични играчи. Имаме целосен респект за тој клуб, а Силекс мора да покаже добра игра ако сака да извади поволен резултат. Она што го одигравме против ФК Пелистер беше навистина лошо и мислам дека ќе имаме некои промени за кои ќе одлучи стручниот штаб. Тоа ќе биде меч со доста емоции за мене, но мислам дека со некои промени во составот ќе можеме да дојдеме до позитивен резултат. Не е битно кој ќе постигне голо, битно да излеземе во сабота како тим и да покажеме дека Силекс има екипа да игра добро во континуитет“, изјави Додев.
Инаку Додев ова лето се врати во Силекс по четири сезони и се очекува сезонава да биде еден од лидерите на нападот.