Maкедонскиот чувар на мрежата Столе Димитриевски летово направи трансфер и дресот на Рајо Ваљекано го замени со тој на Валенсија, меѓутоа работите на „Местаља“ не се одвиваат како што очекуваше.
Валенсија го доведе Димитриевски како замена за Грузиецот Мамарадшвили, но на крајот тој остана во клубот на позајмица иако Ливерпул го откупи.
Димитриевски во Рајо бранеше на исклучително високо ниво и бројките покажуваа дека е еден од најдобрите во Ла Лига. Сега признава дека му е тешко што по десет години е резервен голман.
„Десет години сум прв голман и поради тоа ситуацијата во Валенсија за мене е тешко да ја прифатам. Сега сум во положба да му помогнам на тимот на поинаков начин, бидејќи има многу млади играчи во соблекувалната. Целта е заедно да излеземе во кризата и да ги оствариме најдобрите резултати.
Се случуваат чудни работи во фудбалот, ми се случиле и во минатото. Мамардашвили остана, но јас дојдов каде што сакав да дојдам и работам напорно чекајќи ја мојата шанса. Се надевам дека тренерот ќе може да ми даде прилика и дека ќе стигнеме до победи за да ја избегнеме опасната зона“, изјави Димитриевски во интервјуто за „Марка“.
Во интервјуто Димитриевски зборуваше и за репрезентацијата.
„Мојот сон секогаш бил да бидам дел од едно Светско првенство, бевме блиску до такво нешто на СП во Катар кога игравме бараж во кој ја елиминиравме Италија, па загубивме од Португалија. Патот е тежок, но подготвени сме да одиме чекор по чекор“, истакна македонскиот чувар на мрежата.
Димитриевски во овој момент е со македонската репрезентација и ќе биде дел од натпреварите против Летонија (10 октомври) и Ерменија (13 октомври).