Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски во новата сезона ќе има нов шпански предизвик, бидејќи дресот на Рајо Ваљекано го менува со единицата на Валенсија. Кумановчанецот реши дека е време за заминување и не ја прифати понудата за нов договор од тимот од Ваљекас, па оди во славниот клуб од „Местаља“.
Во последното коло на Ла Лига, Рајо го дочека Атлетик Билбао, а македонскиот репрезентативец беше на клупата за резерви. Сепак, пред дуелот тој во разговор за шпанските медиуми потврди дека заминува од Рајо.
„Донесов одлука да не потпишам нов договор со Рајо Ваљекано. Сите убави моменти секогаш ќе останат со мене, како и оние не толку убавите. Засекогаш ќе бидам благодарен на луѓето во Рајо, на претседателот, тренерите со кои работев и многуте соиграчи кои секогаш беа тука за мене.
Имав понуда да останам, ама таков е фудбалот. Една кампања завршува за да започне нова. Ова не е збогум, туку само довидување. Дојдов во Рајо како млад човек, сега заминувам како изградена личност и подобар голман. Овој клуб засекогаш ќе остане во моето срце“, изјави Столе.
Од 2018 година кога пристигна во Рајо Ваљекано, Димитриевски одигра 191 натпревар во првиот тим. Македонецот стана голман со најмногу настапи во клупската историја, а сега оди во нова авантура во Валенсија.