Селекторот фудбалската репрезентација на Шпанија, Луис Де Ла Фуенте не би имал ништо против исфрлувањето на продолженијата во осминафиналето и четвртфиналето на Европското првенство.
Шпанија денеска од 21:00 часот ќе игра против Франција за пласман во финалето на ЕП, а Де Ла Фуенте смета дека неговата екипа би била посвежа доколку не требало да игра дополнителни 30 минути во натпреварот со Германија.
Само еден четвртфинален натпревар на ова ЕП не беше одлучен по продолженија или пенали, а во него Холандија ја победи Турција со 2:1.
„На тежок турнир како Европското првенство, продолженијата мора да се укинат“, порача Де Ла Фуенте пред новинарите во Минхен, додавајќи дека треба да се задржи форматот со продолженија за полуфиналето и финалето.