Интер и Наполи одиграа без победник (1-1) во дербито за врвот во италијанската Серија А.
Гостите во Милано први дадоа гол и тоа преку Скот Мек Томинеј. Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед по еден корнер се најде на вистинското место и ја втурна топката во мрежата за 0-1 во 23 минута.
Интер успеа пред полувремето да израмни, Хакан Чалханоглу даде убав гол во 43 минута. Турчинот упати неодбранлив удар со многу ефе кој Мерет не можеше да го скроти.
Во второто полувреме подобар беше Интер, Димарко ја погоди стативата и потоа домашните имаа пенал. Сепак и Чалханоглу од белата точка погоди во рамката на голот. Се закануваа до крајот избраниците на Инзаги, ама резултатот не се промени.
Наполи остана на врвот на табелата со 26 бода, додека Интер сега е четврти, но израмнет со Аталанта, Фиорентина и Лацио со по 25 бода.