Денеска со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Македонија ја пречекува Летонија во претпоследниот меч од оваа сезона од Лигата на нации.
Македонија со победа денеска треба да го завери првото место во групата 4 од Лига Ц со што и официјално ќе обезбеди место во Лига Б за следното издание на Лигата на нации.
Момците на Благоја Милевски влегуваат како фаворити во овој натпревар и се освен наша победа би било изненадување.
Македонија досега има одигра четири меѓусебни дуели против Летонија и на сите четири излегла како победник. Последниот беше неодамна во Рига каде триумфиравме со 3-0, но противникот покажа дека има квалитет и покрај високиот пораз.
„Секој има свој план, но е фокусот е како ние ќе одиграме. Подготвени сме и сè ќе зависи од нас самите, самите одлучуваме и целта е првото место“ вели селекторот Благоја Милевски.
Столе Димитриевски се надева дека и на денешниот натпревар ќе остане со чиста мрежа.
„Сакам и по овој натпревар да останам со чиста мрежа, кога на прес нагласувам дека сакам чистам мрежа, тоа ми носи среќа и се разбира дека тоа ми е целта и за утрешниот натпревар. Не чувствуваме притисок, најважно е да победиме и да останеме на првото место. Тоа беше нашата цел и пред оваа Лига на нации, тоа е нашата и на овие два последни натпревари“, вели голманот на Валенсија.