Денеска на ЕП: Англија против незгодната Швајцарија, Холандија „мерка“ полуфинале преку Турција

by 24 фудбал
2 минути читање

Европското првенство стигна до највозбудливата фаза, а тоа е нокаут фудбалот. Иако досега се покажа дека по долгите и тешки сезони, голем дел од фаворитите играат резервирано на турнирот и повеќе го чуваат својот, отколку што го напаѓаат противничкиот гол – сепак исчекувањето пред мечевите е огромно. Денеска на програмата се третото и четвртото четвртфинале.

18:00 Англија – Швајцарија

Првиот фаворит на турнирот во Германија, селекцијата на Англија, не покажа апсолутно ништо посебно досега. Се очекуваше многу повеќе од репрезентацијата предводена од Герет Саутгејт која е преполна со напаѓачки арсенал. Неверојатни се имињата со кои располагаат Англичаните, но играта досега беше за заборав. Минимална победа над Србија, две ремија против Данска и Словенија за да се мине групата беа доволни. Потоа во осминафиналето „Гордиот Албион“ беше пред елиминација, но со магичните ножички на Белингем се спаси против Словаците.

Од друга страна, Швајцарија е едно од најпријатните изненадувања на турнирот. Или барем изгледаат на изненадување за лаиците, а всушност ова е компактна група која со години игра добар фудбал. Дисциплината е на перфектно ниво кај Швајцарците и тоа е она што ги краси. Лесна победа на стартот против Унгарија, а потоа реми со Шкотланѓаните не беа многу ветувачки за навивачите. Сепак, во третото коло Швајцарија беше целосно рамноправна со Германија, а потоа во осминафиналето со леснотија беше победен европскиот првак Италија.

Сега е време за четвртфинале, Англичаните поради играта ги загрижуваат своите навивачи, а Швајцарците се вистинска закана – најголема досега на овој турнир. И натаму тимот на Саутгејт важи за фаворит на хартија, меѓутоа не е тоа ниту одблизу онака како што во Англија посакуваа.

21:00 Холандија – Турција

Ситуацијата е поинаква во вечерното четвртфинале, каде што Холандија според прикажаното е апсолутен фаворит против Турција – ако тоа може да се каже во модерниот фудбал.

„Лалињата“ одиграа одличен турнир досега и на крилата на Коди Гакпо се наметнаа како фаворит од сенка, а да не зборуваме дека и ждрепката им се „отвори“… Со триумф над Полска и реми против Франција селекцијата на Холандија влезе во третото коло и таму во меч со отворен гард загуби 2-3 против Австрија. Тоа беше натпревар за уживање на сите, без калкулации и само со игра на голови. Среќата посака Холандија и како третопласирана да добие „лесна“ задача во Романија која моќно ја совлада.

Турција не е без шанси, на овој турнир освен тешкиот пораз од Португалија (0-3) тие покажаа доста, ги победија Грузија, Чешка и Австрија, а сега во тимот им се враќа и капитенот Чалханоглу. Ќе се обидат Турците да го загрозат холандскиот национален тим, меѓутоа останува да видиме колку ќе имаат сили за подвиг…

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани