Фудбалерите на Динамо Загреб ја отворија новата сезона во ХНЛ со петарда во мрежата на Истра 1961 (5-0).
Шампионот на Хрватска немаше милост и ја наполни гостинската мрежа на стартот на новата кампања. Со головите на Хоџа, Теофил-Кетрин и Куленовиќ уште на полувреме беше 3-0. Во продолжението Куленовиќ пак стрела, а потоа конечниот резултат го постави Пјер-Габриел.
Македонскиот интернационалец Стефан Ристовски беше стартер на позицијата десен бек и го одигра целиот натпревар, додека Аријан Адеми не беше дел од тимот.
Интересно е што на „Максимир“ првпат по заминувањето се врати Дани Олмо. Европскиот првак со Шпанија мина долг период од кариерата во Динамо, Загреб му стана втор дом и тој е многу популарен и почитуван во градот. На кам-бекот Олмо зборуваше за официјалните мрежи на Динамо, а на полувреме се симна на теренот и ги поздрави популарните „Бед Блу Бојс“.