Фабрицио Романо го даде своето популарно „Here we go“ за потписот на Барселона со замената на Марк Андре Тер Штеген.
Нов чувар на мрежата на каталонскиот гигант ќе биде Војчех Шчесни, полскиот голман кој се враќа од пензија за да брани за Барселона. По истекот на договорот со Јувентус, искусниот голман реши да се пензионира, меѓутоа само неколку месеци подоцна се враќа на фудбалот. Тој веќе изјави дека е заинтригиран од понудата на каталонскиот клуб.
„Имам многу почит кон историјата на Барселона. Тоа е еден од најдобрите клубови на светот. Ја разбирам тешката ситуација во која се најдоа поради повредата на Тер Штеген. Мислам дека би покажал непочит кон Барселона ако барем не ја разгледам опцијата“, изјави Шчесни.
Сега Романо пишува дека едногодишен договор е веќе склопен, се очекува Шчесни да пристигне во Барселона и да ги мине медицинските тестови како нов голман.