Утре вечер фудбалерите на Манчестер Сити во дербито во Премиер лигата ќе му гостуваат на Тотнем. Овој натпревар е оној заостанат на Манчестер Сити, а „граѓаните“ се пред императив од победа за во последното коло да влезат како лидери на табелата.
На табелата Манчестер Сити има бод помалку од Арсенал, но и натпревар помалку. Пеп Гвардиола пред утрешниот натпревар предупреди дека неговиот тим мора да победи доколку сака да ја освои титулата.
„Ако утре не го победиме Тотнем, нема да ја освоиме титулата. Во овој натпревар имаме само една опција, а тоа е победата. Знаеме добро за што играме, притисокот е позитивен и мораме да останеме фокусирани. Ние сме навикнати да играме вакви натпревари, проблем е ако се најдете случајно во ваква ситуација“, изјави Гвардиола.
Пеп нема дилеми дека Тотнем е силен ривал.
„Имам огромна почит за се што прави Постекоглу. Имаат навистина одличен тим и нема да ги потцениме“, додаде Пеп.
Гвардиола најави и дека болеста за Грилиш е минато, а најверојатно спремен би бил и Аке.