Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека Пеп Гвардиола би можел да стане нов селектор на Англија, сепак набрзо каталонскиот стратег ги демантираше таквите информации.
Бидејќи Гвардиола не е заинтересиран, предводниците на англискиот фудбал пронашле нова опција.
Имено, денеска на Островот се пишува за Томас Тухел кој е слободен и во кариерата ги водеше Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен, Баерн Минхен и Челси. Последниот ангажман Тухел го имаше во Баерн минатата сезона.
Официјална понуда како што се истакнува се уште нема, меѓутоа на Тухел му се даваат поголеми шанси од Грем Потер и Еди Хау кои исто така се споменуваа како опции.
Англија во овој момент е предводена од Ли Карсли кој беше доведен како привремено решение, а ситуацијата со пронаоѓање на нов селектор веројатно ќе ја забрза и поразот од Грција во последниот квалификациски циклус.