Српските власти прават драма од летот на репрезентацијата на Србија кон Германија за настапот на Европското првенство кој им заврши вчера.
Претседателката на собранието, поранешна премиерка, Ана Брнабиќ во гостување на една телевизија со национална концесија, отркива како Вучиќ бил бесен затоа што фудбалерите на ЕП отпатувале со хрватски авион.
„Тоа е вистинска приказна. Срамота е, Вучиќ беше исклучително лут. Ние ја имаме нашата „Ер Србија“ и сите патуваме со таа компанија. Кога слетува авионот да се види „Ер Србија“ и тоа е наша гордост“, вели Брнабиќ за ТВ Хепи.
Таа рече и дека во претходните денови не се говорело на оваа тема за фокусот на јавноста да не се префрли од поддршката за фудбалската репрезентација на друга тема и смета дека тоа била права одлука.
Брнабиќ додаде и дека треба да се истражи како се случило тоа српските фудбалери да патуваат со хрватски авион.
Останува да се види со каква авио компанија ќе се вратат српските репрезентативци кои вчера го завршија настапот на Европското првенство.