Репрезентацијата на Англија со гол во самата завршница дојде до победа против Холандија и пласман во финалето на Европското првенство.
Холандија добро го отвори натпреварот и по само седум минути со одличен гол на Чави Симонс со удар од далечина дојде до предност.
Англичаните не паднаа во играта по тој примен гол, дури и почнаа да создаваат повеќе шанси, па од една таква прилика добија пенал во 18. минута. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Хари Кејн.
До крајот на првиот дел гледавме интересен натпревар со по некоја прилика и на двете страни. Погодени беа и пречката и стативата од двата гола.
Темппто на игра падна во вториот дел, Англија имаше иницијатива, меѓутоа без некои посериозни прилики. Моментот на одлука се случи во 91. минута кога Оли Воткинс ја затресе мрежата за победа и финале на „Гордиот Албион“.
Во финалето во недела Англија ќе игра против Шпанија и за нив ова ќе биде второ финале на Европско првенство во низа по загубеното на пенали против Италија.