Заврши неверојатната низа на непоразеност на Беар Леверкузен и тоа во финалето од Лигата на Европа во кое беа декласирани од Аталанта со убедливи 3:0.
Никој претходно сезонава не го надиграл Леверкузен како Аталанта вечерва во Даблин. Уште во 12. минута Нигериецот Лукман го отвори резултатот. Само 14 минути подоцна истиот играч и по вторпат се запиша во листата на стрелци.
Знаеше да се закани Леверкузен по двата гола на тимот од Бергамо, но не беа тоа 100% прилики, па така Аталанта на паузата имаше предност од 2:0. Сепак, знаејќи колку пати сезонава Леверкузен се враќаше од тешки ситуации, никој не смееше да го отпише.
Но, вечерва не успеаа. Аталанта изгледаше сигурно и во вториот дел, Леверкузен не можеше да ја пронајде својата игра, Гасперини одлично го постави својот тим. Точка на финалето Лукман стави на 15 минути пред крајот кога ја затресе мрежата со една „бомба“.
За Аталанта ова е прв европски трофеј во историјата. Сезоната во Италија ја завршија на петтата позиција што секако за нив е добар пласман, а поразени беа во финалето од Купот на Италија од Јувентус.