Скопски Вардар ќе се судри со Детонит Плачковица во рамките на баражот за опстанок во Првата македонска фудбалска лига.
Најтрофејниот македонски клуб испрати критика до Фудбалската федерација на Македонија за начинот на продажба на билети. „Црвено-црните“ нагласија дека иако барале состанок со надлежните поврзан со билетите, не добиле повратен одговор и се изненадени бидејќи продажбата ќе биде само со физичко присуство преку мрежата на „МК Тикетс“.
Соопштението на ФК Вардар:
„Ја информираме јавноста дека иако извесен период апелиравме до ФФМ и повикувавме на состанок, а во врска со продажбата на билетите, истиот не се случи.
На само три дена до одигрувањето на натпреварот, бевме известени дека продажбата на билетите ќе започне денес(четврток, 23 мај) од 14:00ч на сите продажни места на МК Тикетс. Покрај тоа, билетите исто така нема да можат да се купат онлајн, туку единствено со физичко присуство.
Ваквата срамна постапка, со која огромната армија на наши навивачи, целосно неоправдано е ставена во неизвесност, покрај тоа што го отсликува аматеризмот во ФФМ, отвора и сомнеж дека зад сите овие ,,грешки” стои намерата, во Струмица да има што е можно помал број на навивачи на Вардар.
Но, и покрај се, веруваме дека ова не само што нема да ги одвлече нашите навивачи, туку и дополнително ќе влијае на што е можно поголемо присуство на историскиот натпревар. Нас ништо нема да не поколеба!
ВАЖНО: Во продажба ќе биде пуштена единствено северната трибина на стадионот, која е предвидена за навивачите на Вардар“.
Натпреварот за опстанок во Првата македонска фудбалска лига ќе се одигра во Струмица в недела во 17:00 часот.