Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар промовира уште едно засилување кое доаѓа од Франција.
Нов член на „црвено-црните“ е Данел Донгмо. Се работи за 23-годишен играч за врска кој го покрива просторот меѓу двата шеснаесетници. Во Вардар камерунскиот фудбалер доаѓа од редовите на Троа, каде што најчесто играше во вториот тим. Вреди да се нагласи дека Донгмо пред две сезони имаше и два настапи во француската Лига 1, кога Троа играше во елитата, а заигра против Ремс и Монако.
Донгмо е младински репрезентативец на Камерун, а во минатото беше дел од Бразерие во родниот Камерун. Во 2018 година тој се пресели во Троа и беше дел од овој клуб до летово. Тој и минатата сезона имаше неколку настапи за првиот тим во Лига 2 и Купот на Франција. Досега Вардар се засили со Ќосиќ, Дианеси, Закариќ, Ким, Костов, Најдовски и Шаркоски.