Фудбалерите на Вардар херојски го победија Шкупи (3-2) во дерби натпреварот од 14 рунда на ПМФЛ. Средбата на „Градски“ понуди дури пет погодоци и многу возбудувања пред двата гола. Шкупи еднаш водеше, а потоа Вардар се наметна и направи пресврт, па на крајот заслужено победи.
Подобро дербито во Скопје го отвори гостинската екипа, а тоа резултира со водечки гол преку Јумеми Канда по 10 минути игра. Јапонецот доби асистенција од Гудмундсон со гради, па ја смести топката во мрежата на Гачевски (0-1). Тоа како да беше знак за будење на вардарци бидејќи заиграа посигурно и поконкретно. Имаа неколку обиди за гол, но на него се чекаше до 31 минута. Тогаш Горан Закариќ изведе слободен удар, топката се одби од живиот ѕид и го измами Денковски (1-1). Притисокот на најтрофејниот клуб продолжи и беше крунисан со гол за пресврт на Кристијан Николовски (2-1).
Во вториот дел Шкупи се обиде да се наметне и успеа да израмни. Џемал Ибиши во 76 минута стрела за израмнување на резултатот на 2-2 по втората асистенција од Гудмундсон. Сепак, веќе во 83 минута Дарко Мицевски беше човекот херој на Вардар. Капитенот по еден прекин и мешаница од пред линијата ја втурна топката во мрежата за 3-2 и победа на неговиот тим.
Најефикасен беше натпреварот во Тетово каде што Шкендија ја совлада Брера со 4-3 во вистинска голеада. Шампионот Струга му го нанесе првиот сезонски пораз на Работнички (1-0). Човек на одлука беше Ланре Кехинде во првиот дел. Силекс минимално го совлада битолски Пелистер со голот на Дарко Додев (1-0), Гостивар беше убедлив против Воска Спорт (4-0), а Тиквеш и Беса одиграа без голови (0-0).
Табела по 14 кола: Шкендија (27), Гостивар (27), Силекс (27), Работнички (25), Струга (25), Шкупи (16), Пелистер (16), Брера (15), Беса (13), Воска (11), Вардар (11), Тиквеш (10).