Велешкиот второлигаш Борец загуби дома од Македонија Ѓорче Петров со 0-2 во рамките на 12 коло на ВМФЛ.
По натпреварот велешани решија дека е време да реагираат за судењето во последните рунди, но и денес. Од Борец сметаат дека против „лавовите“ се оштетени за чист пенал при резултат 0-1, што според нив директно влијаело на резултатот.
Клубот објави и видео од ситуацијата за која смета дека се оштетени, а споменува и други ситуации од претходни натпревари.
- Целосно соопштение на Борец Велес:
„Фудбалскиот клуб Борец 1919, по 12 oдиграни кола во овогодинешниот второлигашки фудбалски шампионат реши на јавноста да и се обрати со соопштение базирано на случувањата во изминатите натпревари кои директно одеа на штета на нашиот клуб.
За што поточно станува збор?
Веќе извесно време молчиме, но на тоа молчење му дојде крајот. Реагираме како клуб на очигледните судиски грешки, кои во континуитет се случуваат на натпреварите на ФК Борец 1919 кои мора да кажеме дека директно влијаеа на неколку конечни резултати со тоа и на нашето бодовно салдо и моментален пласман на второлигашката табела.
ФК Борец 1919 реагира на очигледно калкулантското судење и арбитража на неколку натпревари, и на кои намерно или ненамерно (се надеваме) ни се одземени неколку бодови. Истите сметаме дека засега се клучни за нашата позиција на табелата.
Чашата ја прели денешната арбитража на судијата Дени Лековски, кој не досуди очигледен пенал за домашниот состав против екипата Македонија Ѓорче Петров, при резултат 0:1, а со тоа дирекно влијаеше на исходот на натпреварот.
Со ова соопштение сакаме конечно да дадеме до знаење дека сме свесни за она што во моментов се случува, и бараме да се санкционираат овие судии кои не му мислат добро на македонскиот фудбал. Не можеме да ги затвараме очите и да бидеме неми набљудувачи на тенденциозното судење против нашиот клуб.
Потенцираме дека никој нема право да си игра со судбината на нашиот клуб, велешката гордост, кој има децениска историја.“