Поплавите во Болоња направија сериозен проблем и мечот меѓу клубот од истоимениот град и Милан од Серија А беше загрозен. Ако се прашува домаќинот, услови за игра на „Ренато Далара“ нема и натпреварот ќе биде одложен.
Сепак, челниците на лигата не сакаат да си прават проблеми понатаму во и така густиот распоред, па не прифаќаат одложување на средбата. Двата тима се натпреваруваат во Лигата на шампионите и Копа Италија, а дополнително на тоа Милан ќе има еден одложен меч во јануари поради Суперкупот. Поради тоа Серија А е против одложување за да не се најде во незгодна ситуација во текот на сезоната.
Се водат разговори и се бара идеалното решение, а во моментов постојат две опции. Едната е да се игра во Болоња, меѓутоа пред празни трибини бидејќи градската управа најави дека нема капацитет за да обезбеди фудбалски натпревар. Втората е натпреварот да се премести во Комо и да се игра на „Синигаглиа“ стадионот.
Одложување е сè уште опција, меѓутоа последна за челниците на Серија А. Се очекува одлуката да падне во текот на денот.