Тетовска Шкендија ќе биде еден од трите македонски претставници во европските натпреварувања следната сезона.
Тимот предводен од Јетон Беќири се припрема за настапот на евро-сцената, но и поправање на ланскиот впечаток и шокантната елиминација уште во првото коло. Во пријателските натпревари Шкендија запиша три победи над Тиквеш, Лапи и Тирана, додека беше поразена од Партизани и Дрита.
Во пресрет на европските предизвици, а по одигрувањето на планираните пријателски натпревари својот став го изнесе тренерот Беќири, кој кажа:
„Мислам дека сме добро подготвени. Тимот навистина добро работеше во овие подготовки. Шкендија е спремна да го даде максимумот од себе. Проблематична ми е само ситуацијата околу противникот. Ноах пред настапот во Конференциската лига го промени речиси целиот тим, а има и нов стратег. Сепак, ние ќе дадеме сè од себе. На нас е со претпознатливата игра и искуство да дојдеме до позитивен резултат на првиот меч“.
Шкендија прво на 11 јули му гостува на Ноах во Ерменија, а натпреварот се игра во 18:00 часот. Седум дена подоцна на Арената „Тодор Проески“ во 20:00 часот тетовчани се домаќин на Ерменците во реваншот.