Давид Нерес пред десетина дена стана нов фудбалер на италијански Наполи кој за 28 милиони евра го купи од Бенфика.
Бразилецот игра на позицијата десно крило и уште веднаш започна да ја оправдува вложената сума. Во првото коло против Болоња му беа потребни само две минути на теренот да запиша асистенција, а втората ја запиша вчера во 96. минута при голот за победа на Наполи од 2:1.
Но, по овој натпревар се соочил со шокантна ситуација. Имено, фудбалерот бил во автомобилот со кој патувале со неговата сопруга до хотелот кога неколку криминалци го скршиле стаклото и му впериле пиштол. Крадците побарале од него и да им го предаде часовникот кој го носел.
Шокираниот Нерес тоа веднаш го направил, а крадците си заминале со мотоцикл. Нерес грабежот го пријавил во полицијата која подоцна го испратила до хотелот каде што го чекаа навивачите и незнаејќи што му се случило од него бараа автограми.
Набрзо неговата сопруга преку социјалните мрежи испрати извинување.
„Давид сака да им се извини на сите навивачи кои го чекаа надвор. По напуштањето на натпреварот, двајца мажи на мотоцикл му го уништија автомобилот и го ограбија со закани со оружје“.