Во пресрет на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Милан, интересна изјава даде холандската легенда на „росонерите“ Руд Гулит.
Поранешниот фудбалер се присети на работата со Силвио Берлускони за кој смета дека е најдобар претседател што можел да го има. Сепак, тој го поврза со Флорентино Перез и неговата работа во Реал.
„Берлускони беше најдобриот претседател што можев да го имам како играч. Секоја седмица доаѓаше со тимот на тренинзи, си разговаравме, беше многу харизматичен. Мислам дека истата харизма ја има и Флорентино Перез во Реал Мадрид. Клучно е на челната позиција да се има човек кој многу го сака клубот, така може да ја пренесе страста на останатите“, изјави Гулит.
Реал и Милан ќе се судрат во официјален натпревар првпат по пауза од 14 години. Во 2010 играа меѓусебе во групната фаза на натпреварувањето, мечот во Милано заврши без победник (2-2), а во Мадрид славеше домаќинот (2-0).
Оттогаш клубовите одиграа дури шест пријателски натпревари, а последниот ова лето на турнејата во САД и го добија „росонерите“ со 1-0.