Кога се зборува за најголемите фудбалски академии и „расадници“ на таленти во светот, секако дека меѓу најдобрите е и португалска Бенфика. Последен доказ и факт во овој аргумент е продажбата на младиот Жоао Невеш во ПСЖ во трансфер кој може да достигне 70 милиони евра. Во последните години Бенфика редовно продава фудбалери во најсилните клубови во Европа, а за тоа и сериозно заработува.
Добро упатениот „Трансфермаркт“ направи интересна анализа, а според неа Бенфика за 10 години има заработка од 743 милиони евра само од продажба на фудбалери. Заминуваа ѕвезди како Жоао Феликс, Рубен Диаш, Гонсало Рамос, Рубен Невес, Нелсон Семедо, Едерсон, Бернардо Силва, Енцо Фернандез… Сите тие трансфери ја сместуваат Бенфика како клуб со најголем профит во последните 10 години. Зад нив следат Ајакс (483 милиони), Салцбург (436 милиони), Лил (380 милиони), Спортинг (369 милиони), Порто (358 милиони), Монако (288 милиони), Брага (236 милиони), ПСВ (231 милион), Динамо Загреб (231 милион).
Два трансфери на Бенфика се над 100 милиони евра. Најскап е Феликс (127 во Атлетико), а го следи Енцо Фернандез (121 во Челси). Тука се и Нуњез (85 милиони во Ливерпул), Диаш (71,6 во Сити), Рамос (65 во ПСЖ)…
Интересно е да се види и како би изгледала Бенфика доколку не продаваше фудбалери. Од сегашниот ростер тука е уште само стоперот Силва, но и нему му се смешка трансфер во некој од следните рокови. Меѓу стативите би бил Едерсон, во дефанзивата со Силва е Диаш, бекови се Грималдо и Кансело, на средината Невеш и Фернандез. Плејмејкер би бил Феликс или Бернардо Силва, а во офанзивата се Нуњез и Рамос.
Се наметнува прашањето дали доколку Бенфика би го имала овој тим на куп би била кандидат за трофејот во Лигата на шампионите, бидејќи со ваков ростер во Португалија само би се прошетала до титулата.