Многу полемики предизвика одлуката на УЕФА да му одреди суспензија од еден натпревар на Џуд Белингем, меѓутоа таа да може да биде „активирана“ кога Англичаните ќе одлучат во следните 12 месеци.
На оваа одлука веднаш реагираа Турците, бидејќи УЕФА го санкционира Мерих Демирал на два натпревари поради користење на политички симбол за време на славје на еден од головите против Австрија. УЕФА не дозволи како во случајот на Белингем суспензијата да се одложи, па Демирал нема да игра против Холандија во четвртфиналето, ниту во потенцијално полуфинале или следниот официјален меч на Турција.
Поради оваа одлука Турците веќе упатија жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана (ЦАС) и чекаат брза реакција и одлука.
Сепак, позициите на УЕФА веројатно ќе бидат дека правилата се построги за гестови кои се карактеризирани како политичка пропаганда.