Екипата на Барселона во последниот натпревар во сезоната ќе игра против Севиља, а тоа ќе биде и последен натпревар на клупата за Чави Ернандез за кого клубот денеска потврди дека нема да биде тука наредната сезона.
На темата околу заминувањето на Чави на денешната прес-конференција зборуваше и тренерот на Севиља, искусниот Кике Санчез Флорес.
За него оваа ситуација е само уште еден доказ дека Барселона не знае на вистински начин да ги почитува своите легенди.
„Дефинитивно на тоа гледам како погрешен потег. Можеби не треба сега да го зборувам ова, но Барселона е клуб кој лошо ги третира своите легенди. Исто беше и со Куман и Меси, сега и со Чави. Мораат подобро да ги почитуваат своите легенди. Чави имаше голема поврзаност со фановите и тоа е добро за клубот, неговото заминување може да донесе лоша атмосфера“, изјави Флорес.
Ќе потсетиме, Барселона од јануари кога Чави објави дека ќе замине го убедуваше да остане, а на крајот кога прифати, по само неколку недели тие го сменија мислењето и одлучија да го отпушат. Причина за промената на ставот беше неговата изјава на прес-конференцијата по натпреварот против Алмерија, тогаш Чави зборуваше за лошата финансиска ситуација во клубот.