Екипата на Барселона брзо се врати на победничките патеки и по поразот од Осасуна го совладаа Јанг Бојс во Лигата на шампионите со убедливи 5:0.
Така Барселона ја забележа и првата победа во елитното натпреварување по изненадувачкиот пораз од Монако на стартот.
И не може да се каже дека каталонците имаат лош старт на сезоната, напротив тие се лидери во Ла Лига и тоа во ситуација кога имаа проблеми со повредени фудбалери.
Медиумите во Шпанија најавуваат дека по 20 октомври за навивачите на Барселона може да започне она вистинското бидејќи во тимот се враќаат: Дани Олмо, Пабло Гави и Фермин Лопез, а тука е и Војчех Шчесни кој денес го комплетираше трансферот.
Исто така, не треба да заборавиме дека ова е вистински момент за враќање на оние кои недостасуваат, бидејќи веднаш по Севиља, на „Монжуик“ доаѓа Баерн Минхен, а потоа на 26 октомври следува првото „Ел Класико“ на „Сантијаго Бернабеу“. .