Можеби бидејќи тука живееме, но делува дека не постои друг регион на светот како Балканот.
Првата седмица на Европското првенство добро ја отсликува ситуацијата на балканскиот полуостров и односот на земјите тука. УЕФА има полни раце работа само за да ги „исконтролира“ балканските навивачи на континенталниот собир, па дели казни каде стигне.
Речиси и да немаше натпревар на некоја балканска репрезентација, а да нема некаков барем минимален скандал. Од „Убиј го Србинот“, до „Косово е Србија“, па дојде и до пцовки на сметка на Македонците, иако не сме дел од првенството на стариот континент.
Досега балканските земји шест пати упатуваа жалби до УЕФА за однесувањето на навивачите на друга балканска земја и тоа само во првата седмица на турнирот!
Србите во два наврати се жалеа за Албанија, исто толку пати Косовците се жалеа за Србија. Еднаш нашиот северен сосед се пожали и за Хрватите (ситуацијата со Албанците), а и Македонија мораше да упати жалба до УЕФА по скандалозното скандирање на пцовки од страна на фудбалерот Мирлинд Даку кој ја крена и трибината фанови со себе.
Досега казнети беа Албанците и Србите, меѓутоа за сите споменати ситуации има политичка позадина, па реално е за очекување сите вмешани страни да бидат санкционирани.