Фудбалерите на Аталанта со пресврт се радуваа на многу важна победа со која ја скокнаа Рома во трката за Лигата на шампионите во Серија А. Тимот од Бергамо слави на гостувањето кај Салернитана со 1-2 (1-0), во претпоследниот меч од 35. коло на елитниот калчо ранг.
Домашниот тим успеа прв да дојде до предност. Лум Чауна го матира Карнесеки во 18. минута и донесе радост за навивачите на стадионот „Ареки“ во Салерно. Сепак, Аталанта успеа да го крене темпото и во второто полувреме Гасперини со неколку измени го промени текот на натпреварот.
Израмнувачкиот погодок беше дело на Џанлука Скамака во 57. минута, а само шест подоцна мајсторски гол даде Теун Копмајнерс за 1-2, резултат кој беше активен до крајот на средбата.
Со овој триумф аталанта ја прескокна Рома на табелата, поточно се израмни на по 60 бода, но има и меч помалку во однос на овој ривал. Веќе в недела следи натпревар меѓу Аталанта и Рома, директна битка за Лигата на шампионите.