Фудбалерите на Албанија забележаа голема гостинска победа со која најавија хаос во пресрет на последните две кола од групата 1 во Лигата Б во Лигата на нациите.
Албанските фудбалери триумфираа минимално на гостувањето кај Грузија (0-1), со единствениот погодок постигнат во второто полувреме. Херој на Албанците беше асот на милански Интер, играчот за врска Кристијан Аслани. Тој во 48. минута дочека топка на шеснаесетникот од Тучи и ја смести во домашната мрежа за предност од 0-1.
Грузијците беа подобар и поактивен ривал на теренот, повеќе ја имаа топката и комбинираа, меѓутоа изостана завршниот удар. Албанија успеа да ја одбрани стекнатата предност и забележа голема победа.
Со овој резултат дојде до хаос во групата бидејќи сега со по шест бода се Грузија, Чешка и Албанија, а три има Украина. Украинците со триумф вечерва против Чесите можат дополнително да ги искомплицираат работите бидејќи би дошле исто така на шест бода.