Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти седна на разговор со Џон Оби Микел и говореше за позицијата на Килијан Мбапе, вели дека е многу важно фудбалерите да имаат слобода и креативност.
По многу обиди и долги години потрошени на убедување, Килијан Мбапе конечно ова лето стана ново „галактико“ засилување на Флорентино Перез и Реал Мадрид.
„Кралевите“ веќе имаат силна офанзива со Винисиус Жуниор, Родриго и Белингем, па Карло Анчелоти ќе треба да најде начин како да ги склопи сите заедно.
Токму на оваа тема говореше тренерот на Реал Мадрид како гостин во поткастот на Џон Оби Микел.
Поранешниот играч на Челси му посочи дека Килијан Мбапе обожава да игра како лево крило, позицијата на Винисиус Жуниор.
„Ќе игра во офанзивата, нападот е прилично отворен. Теренот е широк 68 метри, па треба да го покриеме овој простор со напаѓачи“ – рече Карло Анчелоти и го насмеа Оби Микел.
„Ако се прашаме каде играше Винисиус минатата сезона, тешко е да се каже каде играше, не беше класично лево крило“.
„Мислам дека за добар напад најважна е мобилноста на играчите. Понекогаш Вини игра како лево крило, понекогаш игра централно. Белингем понекогаш игра лево, понекогаш централно, понекогаш десно. Родриго поголемиот дел од натпреварите ги започнуваше како десно крило, но често во текот на натпреварите играше по левата страна“.
„Многу е важно да се има мобилност и креативност. Сакам да им давам слобода на моите играчи“.