Екипата на Баер Леверкузен се пласира во финалето на Лигата на Европа, откако ја исфрли Рома во полуфинален двомеч со вкупни 4-2. „Фармацевтите“ избегнаа пораз длабоко во судиското продолжение во реваншот во Леверкузен и ќе се борат за уште еден трофеј во сезоната.
По пласманот во финалето своите импресии ги сподели тренерот Чаби Алонсо, кој беше среќен од прикажаното на неговиот тим.
„Знаев дека Рома може да ни направи проблеми. Губевме со 2-0, откако примивме два гола од ситуации во кои лесно направивме пенали. Не смееме да заборавиме дека цело време правевме шанси. Ми се допадна реакцијата на тимот по 0-2 и заслуживме да играме во финалето на ЛЕ. Минатата сезона бевме доста близу, а сега сме тука. Среќни сме што изборивме финале. Ќе ги играме две за седум дена. Имаме шанса за уште еден трофеј, а моите момци заслужуваат и тројна круна. Аталанта со Гасперини веќе со години е доста организиран тим. Ќе биде вистински предизвик и финале“, изјави Алонсо.
Финалето во Лигата на Европа ќе се одигра на 22 мај во Даблин.