Во сабота од 21:00 часот на „Вембли“, Реал Мадрид ќе го игра финалето во Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, а дел од фудбалерите во пресрет на натпреварите даваат и интервјуа, еден од нив е Уругваецот Феде Валверде (25).
Валверде во разговорот порача дека играњето со Тони Крос кој заминува во пензија по Европското првенство за него било остварување на сонот, а смета дека Реал Мадрид никогаш нема да има капитен како Серхио Рамос.
Не криеше Валверде и дека сака еден ден да биде капитен на својот тим, меѓутоа имаше и интересно ветување ако Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите: Ако ја освоиме Лигата на шампионите, ќе ја офарбам косата во бело“, изјави Валверде кој во минатото имаше слична фризура.
На почетокот на кариерата Валверде беше дел од уругвајскиот Пењарол, а Реал го доведе во 2016 година, но пред да добие шанса во првиот тим играше за вториот и Депортиво Ла Коруња. Член на првиот тим на Реал е од 2018 година и до денес има 257 настапи, 21 гол и 23 асистенции. Неговата вредност според „Трансфермаркт“ се проценува на 100 милиони евра.