Шампионот Струга го пречекува Шкупи, Вардар гостува кај Тиквеш во Кавадарци

by riste
2 минути читање

Денеска на програмата се натпреварите од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а дербито е крај Охридското езеро каде Струга е домаќин на Шкупи.

Актуелниот шампион, Струга ќе го пречека Шкупи кој е еден од кандидатите за титулата иако сезоната не ја започна најдобро.

Во првите пет кола Струга собра двојно повеќе бодови од Шкупи, стружани имаат 10, чаирскиот тим само пет.

Ќатип Османи и за овој натпревар нема да може да смета на капитенот и еден од најдобрите во тимот Буњамин Шабани, но и без него Струга е благ фаворит во овој натпревар. Шкупи ќе се обиде направи изненадување и да се врати дома со целиот плен како би ја намалил бодовната негатива.

Овие две екипи досега одиграле 16 меѓусебни меча, билансот е изедначен, по шест победи и порази, четири дуели завршиле нерешено.

По ремито со Гостивар, Вардар во нешто подобро расположение ја продолжува сезоната, но пред него е уште една тешка препрека, гостуваат кај Тиквеш кој е актуелен освојувач на Купот на Македонија.

Тиквеш не ја стартуваше најдобро сезоната, има само четири бода, исто колку и Вардар, адут во овој натпревар им е домашниот терен. Стадионот во Кавадарци се очекува да биде исполнет, тоа ќе биде фудбалски празник, атмосферата ќе ја збогатат и Комитите кои најавија масовно присуство.

Работнички по шокантната елиминација во Купот на Македонија каде загуби од третолигашот Шкендија Арачиново, ќе се обиде да се рехабилитира во домашното првенство против Брера.

Струмичкиот тим со новиот тренер Горазд Михаилов тргна победнички, но Работнички ќе биде вистинскиот предизвик со оглед на тоа што романтичарите по пет кола го делат првото место со Шкендија.

Шкендија би требало да има лесна задача, на свој терен ја пречекува екипата на Воска. Тетовчани очекуваат да запишат три сигурни бода.

Силекс во Кратово ќе го пречека Гостивар, а Пелистер гостува кај Беса.

Сите натпревари почнуваат од 15 часот.

  1. коло ПМФЛ:
    Струга – Шкупи
    Тиквеш – Вардар
    Работнички – Брера
    Шкендија – Воска
    Силекс – Гостивар
    Беса – Пелистер

Табела: Шкендија 11, Работнички 11, Струга 10, Силекс 9, Гостивар 9, Брера 6, Шкупи 5, Пелистер 5, Беса 4, Тиквеш 4, Воска 4, Вардар 4.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани