Фудбалерите на Холандија во неверојатна форма ги одиграа пријателските натпревари пред Европското првенство. Откако пред неколку денови ја совладаа Канада со 4-0, вечерва со истиот резултат го декласираа и Исланд на „Де Кајп“.
„Лалињата“ полни со самодоверба ќе патуваат за Германија бидејќи се една од селекциите со најдобра форма во пресрет на континенталното првенство. Исланѓаните иако изминатиот викенд ја изненадија Англија, немаа сили за нова сензација.
Холанѓаните дојдоа до предност преку Чави Симонс по 23 минути игра, а на втор гол чекаа до стартот на второто полувреме. Тогаш Ван Дајк со глава погоди за 2-0 по проигрување од Аке. По серијата измени на двете страни, следеше нов период кој ѝ припадна на Холандија. Дониел Мален зголеми на 3-0, а тогаш поништен гол имаше Депај. Во последните секунди од натпреварот конечните 4-0 ги постави Вегхорст.
Победа во завршницата избори и Полска за добра атмосфера пред турнирот. Како домаќин во Варшава оваа селекција ја совлада Турција со 2-1.