Германија со 2-0 ја совлада Данска и се пласираше во четвртфиналето од Европското првенство, а на овој меч во центарот на вниманието беше и англискиот судија Мајкл Оливер.
По осум минути игра во вториот дел Оливер свирна пенал за Германија. Нафрлувањето на Раум го погоди во прстот Андерсен. Судијата во прв момент остави играта да продолжи, но по интервенција од ВАР гледаше снимка и досуди пенал кој го реализираше Хаверц.
Данците се бунеа на одлуката. Андерсен беше категоричен велејќи дека тоа не може да биде пенал бидејќи топката го погодила во прстот од непосредна близина, фудбалерите не може да трчаат со рацете зад грб.
УЕФА по мечот ја објасни ситуацијата.
„Во текот на натпреварот помеѓу Германија и Данска технологијата која се наоѓа во официјалната топка за Европското првенство покажа дека данскиот дефанзивец, Јоаким Андерсен играше со рака во казнетиот простор. Сензорот во топката забележа допир на раката на играчот со површината на топката. „Отчукувањето на срцето“ на топката беше прикажано на телевизискиот пренос, истиот кој судијата го виде при проверката на ситуацијата на теренот. Снимката покажува дека допирот на раката и топката траел точно 500-ти дел од секундата“, објасни УЕФА.