Се најавува вистински „потрес“ во фудбалот во Македонија, бидејќи првиот човек на Шкупи, Олгун Ајдин, најави повлекување.
Турскиот сопственик и главен спонзор на чаирчани нагласи дека сериозно размислува за повлекување на Шкупи од натпреварувањето во ПМФЛ доколку нема промени во раководството на Фудбалската федерација на Македонија. На овој радикален потег Олгун Ајдин се реши откако сезонава во повеќе наврати сметаше дека неговиот клуб е судиски оштетен и ја стави под прашалник регуларноста на првенството.
„Немаме доверба во сегашниот фудбалски систем и сегашната ФФМ. Причините за тоа и се познати на целата јавност. Нема да бидеме во оваа игра се додека останува сегашната федерација. Ние нема да го жртвуваме нашиот труд на ничија фикција. Како прва опција е очигледна вредноста на нашиот клуб, доколку се појави заинтересирн човек кој веруваме дека ќе го цени нашиот клуб и ќе додаде нешто на него, ние сме отворени за трансфер на клубот. Доколку тоа не се случи, доколку не се најде човек кој дава вредност, решени сме да направиме пауза додека не се промени оваа Федерација. Не сакаме да бидеме во фудбалот што го води оваа федерација и нема да бидеме“, е дел од соопштението.
Како друга опција доколку нема промени во раководството на ФФМ е предавање на клубот на нов сопственик. Сепак, турскиот газда на Шкупи нагласи дека би го продал клубот само на амбициозен човек кој ќе вети напредок.