На крајот од минатата сезона Тони Крос се прости од навивачите на Реал Мадрид, а сега ќе се врати на „Сантијаго Бернабеу“, но само во улога на гледач.
Крос потврди дека ќе биде специјален гостин на утрешниот дуел помеѓу Реал Мадрид и Виљареал.
Германецот се појави во подкастот на неговиот брат Феликс каде што зборуваше за одлуката да замине во пензија.
„Одлуката е конечна и мораме тоа да го прифатиме, нема смисла да се враќаме на тоа. Тоа што луѓето го зборуваат е комплимент, но треба да се прилагодиме и да продолжиме. Реал Мадрид продолжи и кога замина Кристијано Роналдо, а потоа клубот по долги години го напушти и Серхио Рамос. Секогаш има начин да се прилагодитите“, изјави Крос.
Не крие дека чудно се чувствува кога ги гледа натпреварите на Реал Мадрид.
„Малку ми е чудно да ги гледам натпреварите на Реал, преспективата е поинаква и понатаму се чувствувам како да сум дел од тимот и тоа не можам да го игнорирам“, додаде Германецот.
Крос со 34 титули е најтрофејниот играч во историјата на германскиот фудбал, додека како играч на Реал освои 21.