Ситуацијата во редовите на Милан е во најмала рака турбулентна. Незадоволството за работата на тренерот Пауло Фонсека е огромно, а веќе на големо се зборува дека дербито против Интер во недела ќе му биде последен меч на клупата.
Милан од стартот на сезоната победи само еднаш (против Венеција, 4-0), а управата е незадоволна од новиот тренер. Се споменуваат и потенцијалните замени за Фонсека, меѓутоа прво ќе му се даде шанса. Сепак, за да ја спаси клупата тој мора да направи чудо, во Италија се верува дека за Португалецот спасоносна би била само убедлива победа против силниот Интер во дербито.
Последните информации од Милано одат во прилог на овие шпекулации. Имено, денешниот утрински тренинг требало да започне во 11:00 часот, меѓутоа Златан Ибрахимовиќ дошол во тренинг центарот и веднаш се упатил во соблекувалната. Тој сам одржал состанок со фудбалерите, се верува дека тој ги прашувал за нивно мислење во ситуацијата со Фонсека.
Тренингот кој тренерот го закажа доцнел половина час, а ова изгледа не е првпат Ибрахимовиќ да се вмеша во работата на Фонсека.