Поради повредата на Марк Андре Тер Штеген во вчерашниот натпревар Барселона би можела да доведе замена за германскиот чувар на мрежата бидејќи тој ќе биде надвор од терените повеќе од шест месеци.
Во овој момент бидејќи е затворен преодниот рок во опција се само голманите кои се слободни и без клуб. Такви и квалитетни во овој момент нема многу, меѓутоа едно привлекува внимание.
Костариканецот Кејлор Навас со големо искуство зад себе е без ангажман откако во мај го напушти Пари Сен Жермен. Навас имаше понуда од саудискиот Ал Хилал, но истата ја одби. Во кариерата Навас пет години помина во Реал Мадрид, па секако дека потписот за големиот ривал би предизвикал реакции.
Со Реал Мадрид освои три трофеи во Лигата на шампионите и во сите натпреварувања собра 162 натпревари, а клубот го напушти по доаѓањето на Тибо Куртоа. Во ПСЖ две сезони беше стандарден за потоа да биде замена на Донарума. Минатата сезона ја помина на позајмица во Нотингем Форест.