Првата македонска фудбалска лига се враќа со натпреварите од 11-тото коло, а во него има две интересни пресметки.
Лидерот Работнички како гостин ќе игра на „Градски“ против Вардар. „Романтичарите“ се во далеку подобра форма од ривалот, имаат старт на сезоната каков што долго немале и досега се без пораз. Од друга страна вардарци се во борба за опстанок и веројатно таму ќе бидат целата сезона, а ниту против градскиот ривал немаат големи шанси за добар резултат.
Дерби се игра и на „Градскиот стадион“ во Тетово, каде што Шкендија ќе го дочека шампионот Струга Трим Љум. Тетовчани се на втората позиција на табелата и имаат четири бода повеќе од ривалот. Првакот сепак во претходната рунда доживеа тежок пораз дома од Силекс (1-4) и сега мора да се крене, а Шкендија има две ремија во низа.
- Натпревари од 11-то коло на ПМФЛ:
Вардар – Работнички
Шкендија – Струга
Гостивар – Брера
Шкупи – Тиквеш
Силекс – Беса
Воска Спорт – Пелистер
Сите шест натпревари се играат во терминот од 13:00 часот.