Иван Перишиќ е главна тема во хрватскиот фудбал последните три дена откако влезе во дуел со Џенаро Гатузо, а потоа и со раководстото на Хајдук.
Спортскиот директор Никола Калиниќ денеска соопшти дека ветеранот нема повторно да го облече белиот дрес, но тоа не значи дека Перишиќ нема повторно да заигра на Пољуд. Тој се уште официјално не се простил од хрватската репрезентација и по се изгледа ќе му биде на располагање на Златко Далиќ за претстојното издание на Лигата на нации.
Ако во меѓувреме не се смени нешто, Перишиќ ќе се врати на Пољуд на 18 ноември кога Хрватска ја пречекува Португалија во последното коло од тоа натпреварување и во спектаклот во кој најверојатно ќе учествува и Кристијано Роналдо. Не е исклучено токму тој меч да биде последен за хрватската репрезентација на искусното крило.