Фудбалерите на Нотингем загубија од Челзи во меч со два пресврти (2-3), во претпоследното коло на Премиер лигата.
Натпреварот на „Сити Граунд“ понуди отворена игра и многу надигрување. „Сините“ поведоа со голот на Михаило Мудрик по осум минути игра, меѓутоа бргу Боли донесе израмнување (1-1) за Нотингем. Овој резултат беше актуелен речиси 50 минути, а тогаш Калум Хадсон Одои стрела против својот поранешен клуб за 2-1.
Челзи бргу се крена и со „блиц-криг“ и два гола за три минути на Рахим Стерлинг и Николас Џексон дојде до пресврт (2-3) и потоа победа. Со овие бодови Челзи се израмни со Њукасл и има шанса да се бори за излез во Европа.
И покрај овој пораз Нотингем е практично опстанат во лигата. Технички „шумарите“ можат сè уште да испаднат, бидејќи Лутон е на три бода зад нив во пресрет на последното коло. Сепак, реалноста вели дека Нотинг кој има за 12 гола подобра гол разлика веќе е опстанат бидејќи во последното коло би требало да доживее невиден дебакл против Барнли, а притоа и Лутон да го победи Фулам.