Фудбалскиот клуб Вардар на официјална прес-конференција го потврди новиот генерален спонзор, компанијата „Новоматик Македонија“.
Претседателот на клубот Милорад Миленковски заедно со претседателот на компанијата Александар Симовиќ го потпишаа едногодишниот договор за спонзорство. Првиот човек на Вардар го прокоментира овој успех и потпис на голем договор.
„Ова за нас е посебен момент и свече чин кој предизвикува возбуда. Целиот наш труд заедно со поддршката која ја добивме, наиде на препознавање. Горд сум дека нашата енергија е препозната и Вардар добива нова светла иднина. Потпишуваме договор за генерално спонзорство и сме горди за тоа. Токму таков поттик ни беше потребен, да влезе во нашиот клуб и да најави дека други компании ќе ја следат. Преку духот кој го има компанијата, ни дава посебен мотив на стартот на сезоната. Утре одиме на подготовки, а се надеваме дека ќе успееме да направиме успех во новата сезона. Пред четири години кога се случија промените бевме максимално вклучени во проектот. На крајот се покажа дека тоа беше вистински потег. Ова е заедничка победа, на компанијата и Вардар, но и народот. Благодарност до сите кои ја препознаа и поддржаа енергијата во изминатите години. Вардар повторно се враќа на големата сцена, се надеваме дека повторно ќе биде најголем амбасадор застапувајќи ја државата и надвор од границите на Македонија. Ова е голема победа за нас. По сите подеми и падови, ова е награда за трудот за се досега“, изјави Миленковски.
Претставничката на „Новоматик Македонија“, Марија Митреска го откри и буџетот кој ќе го даваат на Вардар. „Црвено-црните“ ќе добијат еден милион евра од договорот со компанијата за следната сезона.
„Во името на Новоматик Македонија, одлучивме со финансиска поддршка од еден милион евра годишно да го поддржиме Вардар за враќањето на победничките патеки. Со ова продолжува нашата поддршка кон спортот, но и самата економија на Македонија. Сакаме да потенцираме, ние како генерален спонзор не сакаме да го преземеме раководството на клубот, туку ќе предложиме само наш претставник во врвот на клубот. Вардар е македонски бренд, со многу титули на домашната сцена ни претставува огромна чест и задоволство што нашето лого ќе стои на клупскиот дрес“, изјави Митреска.
Вардар ќе добие засилувања во играчкиот кадар, а веќе започна креирањето на тимот за следната сезона.