Филип Најдовски по четири години пауза се врати во редовите на Вардар. Дефанзивецот кој од 2020 година беше дел од Тирана имаше понуда да остане во албанскиот клуб, но се реши за кам-бек во ПМФЛ и „црвено-црните“.
При потписот на четиригодишниот договор, Најдовски откри дека е пресреќен за враќањето и ги потврди високите амбиции на Вардар.
„Чест и привилегија е по четири години пак да се вратам во Вардар. Верувам во новиот проект на клубот и затоа сум тука. Понудата која ја добив од Вардар едноставно не се одбиваше. Посакувам клубот да се врати онаму каде што припаѓа, а тоа е на врвот во македонскиот фудбал и да излезе пак во Европа“, изјави Најдовски.
Во наредните денови се очекува официјална потврда на новата сопственичка структура, односно новиот спонзор кој ќе го преземе Вардар и според најавите има високи амбиции.