Второто коло од македонската Прва лига кое е на програмата утре ни го носи и вечното дерби помеѓу Вардар и Пелистер кое ќе се игра на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Во изјава за клупскиот сајт натпреварот го најави искусниот Мирко Ивановски кој ова лето се врати во Битола. Ивановски во натпреварот влегува со максимална мотивација, па дури и порача дека ќе се чувствува како да е натпревар во Лигата на шампионите.
„Ова ќе биде одличен натпревар за докажување и проверкан а силите. Дерби натпреварите секогаш носат возбуда и се надевам дека заедно со навивачите ќе се радуваме. Ќе играме на Националната арена која ни дава дополнителна мотивација и ќе се чувствуваме како да е натпревар во Лигата на шампионите“, изјави Ивановски.
Своите очекувања ги искажа и помошник-тренерот Марјан Алтипармаковски.
„По тешкиот натпревар со Гостивар, одиме на вечното дерби со Вардар. Натпреварот секогаш буди емоции и ќе играме со огромна желба за докажување и надигрување. Притисокот не е на наша страна, ние сме нови прволигаши и ќе се обидеме да изненадиме. Имаме свои адути. Се надевам на добар резултат. Очекувам одличен перформанс и на двете навивачки групи. Знам дека ќе покажат дека ова најголемо дерби во Македонија“, изјави Алтипармаковски.